Лимузина од официјалниот возен парк на Путин уништена во мистериозна експлозија во Москва

Една од луксузните лимузини „Аурус“, кои се дел од официјалниот возен парк на Владимир Путин, била уништена во силна експлозија северно од седиштето на руската тајна служба ФСБ во Лубјанка, објавуваат британските медиуми.

Според информациите, возилото Aururs Senat, чија вредност се проценува на 275.000 фунти, прво било зафатено од пожар во моторниот дел, кој брзо се проширил во внатрешноста.

Сведоци од околните ресторани и барови излегле на улиците во обид да помогнат, но огнот брзо ја проголтал лимузината. Минувачи во шок го снимале моментот кога густ црн чад се издигнувал од возилото.

Дополнителни снимки покажуваат оштетување не само на предниот, туку и на задниот дел од автомобилот, што отвора прашања за вистинската причина за експлозијата.

Сè уште не е потврдено кој се наоѓал во возилото во моментот на инцидентот. Се верува дека автомобилот е во сопственост на претседателскиот оддел за управување со имотот на Путин, но засега нема официјални информации за можни повреди или причините за пожарот.

Останува нејасно дали ова е несреќен случај или намерен напад, но инцидентот предизвика големо внимание во Москва, особено поради фактот што Путин во минатото му подарил ваква лимузина и на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.

Categories: