ВИДЕО: Страшни сцени, пискотници и борба за живот – сведоштво на храбриот Јован

19-годишниот Јован Костадинов, кој за време на трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани бил меѓу најактивните во спасувањето на луѓето од запалениот објект, раскажува за хоророт што го доживеал.

„Од внатре се слушаа само пискотници од девојки. Зедов маса и го скршив прозорецот, а потоа со цревото почнавме да прскаме вода внатре. Тие викаа, паниката беше огромна. Неколку минути ги прскавме со вода за да можат да дишат. Потоа, јас се измокрив цел и продолжив кон главниот влез, но таму луѓето беа заглавени и немаше начин да се влезе. Влегов во една од собите, каде што имаше четири или пет луѓе. Вратата беше заглавена од телата што беа натрупани. Ја скршивме вратата и почнавме да ги вадиме еден по еден“, сведочи Јован.

На почетокот, извлекувањето било полесно бидејќи многу од жртвите биле свесни и сами излегувале. Но, како што минувало времето, ситуацијата станувала сè поужасна – почнале да вадат луѓе кои биле онесвестени, изгорени и без никаква реакција.

„Тие што беа најгоре сите врескаа, телата им беа изгорени, некои беа онесвестени. На почетокот, додека сè уште имаше свесни луѓе, одеше побрзо – тие што ги вадевме сами се придвижуваа кон излезот. Но потоа останаа само онесвестени, тешко повредени. Мораше да ги изнесеме до безбедна зона пред дискотеката“, додава Јован.

Во еден момент, поради вдишаниот чад, и нему му се слошило, но сепак продолжил да помага.

„Имаше многу девојчиња што лежeа на земја, една девојка се тресеше и некој извика дека си го проголтала јазикот. Јас никогаш не сум го правел тоа, но некако успеав да ѝ го повлечам јазикот. За среќа, стигнаа лекарите и ја префрлија во автомобил за итен транспорт. Ми беше многу лошо, очите ми печеа, ми се вртеше во глава. Во една кола неколкумина не пренесоа до болница. Двајца од нив беа изгорени, јас им ги држев главите право за да не си го проголтаат јазикот. Во болницата беше хаос, лекари трчаа на сите страни, на повредените веднаш им даваа кислород и го проверуваа пулсот“, раскажува Јован.

Тој поминал неколку дена на Клиниката за токсикологија, по што бил пуштен дома. Неговата храброст не останала незабележана – добил признанија од повеќе институции, како и стипендија за студирање.

Categories: