Антонио Тасевски, татко на едно од повредените деца во катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“, се огласи на Фејсбук со потресно сведоштво за ноќта која засекогаш ќе остане врежана во меморијата на многумина.
„Кога ми јавија дека диското гори и дека не можат да го најдат мојот син Љупче, срцето ми застана. Веднаш тргнав натаму, а кога стигнав, веќе имаше огромна паника, народ насекаде и силно полициско присуство“, раскажува тој.
Но, во таа страшна ноќ, Антонио не бил сам во потрагата по синот. На самиот влез од дискотеката го забележал Лазар Захариев, еден од обезбедувачите, целиот исцрнет од чад и видливо изнемоштен.
Обезбедувачот што го ризикуваше својот живот повеќе пати
„Го видов Лазар како извлекува дете од огнот, цел во саѓи, тешко дишеше, но сè уште се бореше. Го прашав дали го видел Љупче, а потоа и самиот потрчав внатре, иако пламените јазици сè уште голтаа сè пред себе. И знаете што? Лазар, иако веќе едвај стоеше на нозе, влезе со мене! Повторно ризикуваше сè за да спаси уште едно дете.“
Според Антонио, Лазар и останатите членови на обезбедувањето биле во првата линија на фронтот против огнот, борејќи се да спасат што е можно повеќе животи.
„Додека полицајците довикуваа да не влегуваме, тие веќе беа внатре. Соочени со пламен, со чад, со хаос – но не отстапија! Ги извлекуваа повредените еден по еден, не мислејќи на сопствениот живот.“
„Херои, а не криминалци!“
За Тасевски, овие луѓе не се виновници – тие се херои.
„Тие не заслужуваат да бидат во притвор! Не можете да ги обвините тие што спасуваа животи, тие што беа на првата линија, тие што не размислуваа за себеси, туку за децата внатре! Каде е правдата во тоа?“
Ова сведоштво отвора бројни прашања и ја продлабочува дилемата: дали вистинските виновници ќе одговараат или, како и многу пати досега, казната ќе падне врз оние што правеле сè за да спасат животи?